Грците со ѕвездата Циципас против Јотовски и другарите

Стефанос Циципас, кој моментно е десетти тенисер на светската ранг-листа, ќе биде во составот на грчката репрезентација на мечевите од Дејвис купот, Европа група 3, во која учествува и македонскиот национален тим.

Со ова, Грците на мечевите во Атина од 11-ти до 14-ти септември ќе бидат многу засилени и веројатно меѓу главните фаворити. Циципас досега нема играно во Дејвис купот, па тоа за него ќе биде деби за репрезентацијата. Доколку ждрепката ги „спои“ Грција и Македонија, Циципас ќе има дуели со нашите најдобри тенисери предводени од Томислав Јотовски, кој имаше долга пауза поради повреда на рамото и од понеделник се враќа на терените.

Освен Грција и Македонија, во Групата 3 од европската зона во Дејвис купот се наоѓаат уште Луксембург, Естонија, Полска, Летонија, Монако и Црна Гора.

Организаторите објавија дека мечевите ќе се играат на терените на клубот Татои во Атина, на земјена подлога. Освен ѕвездата Стефанос Циципас, во тимот на нашиот јужен сосед ќе бидат и неговиот помлад брат Петрос Циципас, Маркос Каловелонис и Михаил Перволаракис.

 

- Оглас -

Најнови вести