Грузија подобра од Казахстан, Македонија не може да биде најдоброрангиран победник во Сегментот Д

Грузија го победи Казахстан со 2-1 и ја поништи шансата на Македонија да биде најдоброрангираниот победник на групата во Сегментот Д од Лигата на нациите, што значи со голема веројатност во полуфиналето ќе играме против Косово, ако тие го победат Азербејџан утре и ние вечерва го совладаме Гибралтар.

Грузијците собраа најмногу бодови, 16 од сите останати првопласирани селекции во четирите групи од Дивизијата Д, и како домаќини ќе го чекаат најслаборангираниот првак на групите.

Сè уште е неизвесно кој со кого ќе игра, а варијанти има доста. Ако Македонија вечерва победи против Гибралтар, ќе го има бројот 2 во полуфиналето и со Грузија ќе бидат домаќини, односно ќе имаат голема предност во нокаут-меч.

За третата и четвртата позиција, односно за тоа кој ќе им биде гостин на Грузијците и нам во јунските полуфиналиња битка бијат Белорусија, која ги заврши натпреварите како првопласирана во втората група, и Косово или Азербејџан, кои утре играат меѓусебе за првото место во третата група.

Белорусија има 14 бодови, а може да ги стигне и да го престигне Косово како треторангирана селекција со каква било победа утре, на домашен терен, против Азербејџан. На тој дуел на Азербејџанците им одговара само триумф и во тој случај ние нема да играме ниту со нив, ниту со Косово, туку со Белорусија, секако, на свој терен.

Со победата на Грузија вечерва против Казахстан, Македонија веќе нема место во четвртиот барабан за престојните квалификации за ЕП 2020, на ждрепката што ќе одржи на втори декември. Ќе биде во петтиот по вредност барабан, што значи потешки противници.

- Оглас -

Најнови вести