Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, на денешната прес-конференција пред средбата со Њукасл в недела, изјави дека два дена се нема видено со играчите, но утре на тренинг ќе се сретнат и ќе разговараат за тоа што се случи во Мадрид и како треба да продолжат во Премиерлигата.
Граѓаните треба да ги добијат сите мечеви до крајот, за да бидат прваци на Англија, но после шокантниот пораз од Реал Мадрид, психички ќе им биде тешко, особено на првиот следен меч, а тоа е против Њукасл.
„Можеби не сум доволно добар за да му помогнам на тимот да ја освои Лигата на шампионите. Бевме блиску, го знаеме тоа, ќе се обидеме повторно следната сезона. Не знам дали сме способни да ја освоиме ЛШ, не знаев ни пред мечот во Мадрид. Фудбалот е непредвидлив“ – изјави Гвардиола кој има две титули во ЛШ, во 2009 и 2011 година.
Од поразот од Мадрид поминаа два дена, а Гвардиола се нема видено со играчите.
„Не сме разговарале. Нема зборови кои може да ни помогнат за подобро да се чувствуваме. В сабота ќе бидеме заедно и ќе разговараме. Мора да дадеме се од себе во претстојниот период“ – додаде Гвардиола.