Гвардиола има рецепт за финале: Сакаме да приредиме шоу и на „Сантијаго Бернабеу“

Пеп Гвардиола очекува нов возбудлив меч меѓу Манчестер сити и Рел Мадрид и во реваншот на 4 мај и вели дека неговиот тим повторно ќе игра офанзивно бидејќи сака да приреди ново шоу и на „Сантијаго Бернабеу“.

Вчера првото полуфинале во Лигата на шампионите на „Етихад“ беше спектакуларно и заврши со победа од 4:3 на Манчестер сити.

Домаќините постојано водеа, а Реал дури трипати се враќаше од два гола негатива како најава за возбудлив реванш на храмот на фудбалот во Мадрид.

„Резултатот можеше да биде и подобар за нас, но Реал е Реал. Имаат многу поголемо искуство од нас во вакви натпревари. Создадовме и промашивме многу шанси, но во фудбалот е важно да креирате прилики за гол. Одигравме одличен меч и ни треба уште еден таков, а сакаме да приредиме ново шоу на ‘Сантијаго Бернабеу’ и да се пласираме во финалето. Ако веруваме во себе, имаме шанси, друга опција за успех против Реал Мадрид не постои“, изјави Гвардиола.

Од оваа сезона во Лигата на шампионите не важи правилото за гол повеќе на гости при израмнет вкупен резултат, што во случајов со прв меч на домашен терен со многу голови му одговара на Манчестер сити.

Реал Мадрид ќе брка негатива од еден гол, а Кралевите сезонава покажаа дека умеат да прават пресврти и да се враќаат и од загубена ситуација, па реваншот ќе биде исклучително интересен.

Второто полуфинале почнува вечерва од 21 часот на „Енфилд роуд“, каде што Ливерпул ќе му биде домаќин на Вилјареал.

Реваншот на овој двомеч ќе се игра во Шпанија на 3 мај, а финалето и мечот за европската круна ќе се игра во Париз на 28 мај од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести