Гвардиола искрен: Ако немам играчи како тие во Манчестер сити, нема да победувам

Многу веројатно е дека Манчестер сити сезонава нема да стигне до хет-трик титули во Премиер лигата. Граѓаните заостануваат 22 бода зад лидерот Ливерпул и веќе се откажаа од трката за титулата во Англија. Многумина го сметаат Гвардиола за најдобар тренер во светот, но Шпанецот е скромен и искрено вели дека доколку нема квалитетни фудбалери во екипата, и тој не може да победува толку често како што сега победува со Граѓаните.

„Што значи тоа да си најдобар тренер во светот? Никогаш не сум се чувствувал како најдобар, дури ни кога успеав да освојам шест титули во една сезона со Барселона или кога лани освоив три титули во Манчестер сити. Победував затоа што во тие екипи имав неверојатни играчи. Постојат феноменални тренери кои не се во големи клубови и немаат вака квалитетни играчи како што имам јас во Сити. Јас сум добар, но не сум најдобар. Ако ми дадете екипа која не е квалитетна како Сити, сигурно нема да победувам толку често“, рече Гвардиола.

Иако со Барселона стигна до титула во Лигата на шампионите, на Гвардиола многумина му замеруваат дека со Баерн Минхен и Манчестер сити ниту еднаш не стигна да игра во финалето од Лигата на шампионите, иако во двата клуба потроши многу пари за доведување квалитетни играчи.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести