Гвардиола: Луѓето сега најмногу навиваат за Сити да губи

Манчестер сити се врати од Светското клупско првенство во Саудиска Арабија со уште еден пехар, кој заврши во клупските витрини. Тоа беше петта титула освоена на Граѓаните во 2023 година, што го прави убедливо најуспешен тим во светот за годината која изминува. Трофеите од Лигата на шампионите, Премиер лигата, ФА купот, европсиот Супер куп и Светското клупско првенство се турнирите на кои Сити беше најдобар.

Од вечерва, Сити се враќа на домашните обврски, а прв ривал со приматот светски клупски првак ќе им биде Евертон. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола вели дека сега сите луѓе многу повеќе ќе навиваат за неговиот тим да губи.

„Ако не победуваш, ти си нула. Тоа што си го направил во минатото нема значење. Колку повеќе победуваш, толку повеќе луѓето ќе сакаат да видат како губиш. Тоа го почувствував кога освоивме шест титули со Барселона во една година. Сега со Сити имаме пет трофеи во оваа година и луѓето се исти како пред 14-15 години, кога бев во Барселона“, рече Гвардиола.

Неочекувано, Сити моментално е на петтото место на табелата во Премиер лигата дури со осум бода помалку од лидерот Ливерпул. Сити вечерва ќе гостува кај Евертон во надеж дека ќе ја прекине лошата низа што ја има во Премиер лигата, а тоа е само една победа во последните шест средби.

- Оглас -

Најнови вести