Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, се пошегува кога еден новинар го праша зошто одлучил да присуствува на натпреварот Стокпорт – Порт Вејл, наместо да го гледа полуфиналето од Лигата на шампионите помеѓу ПСЖ и Баерн Минхен кој се играше во исто време.
Гвардиола го шокираше фудбалскиот свет со одлуката да го гледа во живо натпреварот од англиската Лига Еден помеѓу Стокпорт и Порт Вејл.
„Го погледнав календарот, го видов натпреварот Баерн – ПСЖ и си помислив: „Каква ужасна игра… Лоши тренери – Луис и Венсан… А, играчите се никакви…“ [саркастично]. Но, јас го сакам англискиот фудбал, па отидов да го гледам Стокпорт! Следната сезона, кога ќе игра мојот стар тим, Баерн Минхен, ќе бидам залепен за софата“, рече Гвардиола.
Потоа додаде и дека го гледал ПСЖ – Баерн, ама подоцна, на снимка.
„Го гледав целиот натпревар откако се вратив дома. Со добра чаша вино, знаејќи го резултатот. Она што се случи во Париз беше одлично. Секој има свој стил, тоа беше добар натпревар. Атлетико Мадрид против Арсенал беше уште еден добар натпревар. Секако, кога ќе постигнете девет гола во полуфинале, тоа е фантастично, но мора да го прифатиме фудбалот на различни начини“, кажа Каталонецот.

