Не стивнуваат реакциите по дербито меѓу Манчестер сити и Арсенал кое се играше минатиот викенд. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола јавно побара од Микел Артета да престане со обвинувањата кон Манчестер сити и оцрнување на клубот.
Некогашните соработници, денеска пријатели, но и големи ривали кога се работи за борба за титулата во Премиер лигата, разменија неколку реченици преку медиумите кои не му се допаднаа на Гвардиола.
На дербито од минатата недела, Арсенал водеше со 2:1, а сити израмни со гол во 90+8 минута. Граѓаните се жалеа дека играчите на Арсенал намерно правеле многу прекини за да нема активна игра, а на тоа Артета имаше одговор. „Четири години бев во Манчестер сити. Знам сѐ. Верувајте дека знам сѐ“, рече Артета и предизвика негодување на Гвардиола.
Предводникот на Сити рече дека неговиот некогашен соработник ќе мора да објасни што е тоа што знаел сѐ. „Следниот пат ќе мора да објасни што мислеше со тоа дека знае сѐ. Тврди дека овде бил четири години, а сите знаеме што се случи. Можеби е поврзано со актуелните обвиненија кои се на име на клубот, можеби на тоа мислел. Моѓеби знае нешто за тоа. Во добри односи сме и затоа ќе го замолам попрецизно да одговори“, рече Гвардиола, кој потоа додаде и коментар за реакцијата на Габриел Жезус.
„Габриел одлично рече по мечот. Тој рече „Тоа е војна, мора да се испровоцира противникот“. Што друго да кажам? Сакате војна? Ќе ја добиете“, заврши Гвардиола.