Хакер на „Фудбал ликс“ обвинет за 147 прекршоци

Судот во Португалија го обвини Руи Пинто, еден од основачите на „Фудбал ликс“, со 147 прекршоци. Човекот поради кој Манчестер сити и Пари Сен Жермен се под лупата на УЕФА и ФИФА, како и многу други клубови, но и фудбалери, пред сè, е обвинет за неовластен пристап до информации, обид за изнуда и објавување тајни документи.

Обвинителите тврдат дека Пинто користел неовластени компјутерски програми и дигитални алатки за да дојде до информации и да ги разоткрие матните бизниси на најголемите фудбалски гиганти во Европа. „Компјутерскиот гение“, како што го нарекуваат локалните медиуми во Португалија, смета дека работел во корист на јавноста и дека не треба да му се суди.

„Фудбал ликс“ од 2015 година бурно работи во борбата против корупцијата во фудбалот, а преку оваа веб-страница во изминативе години објавени се голем број документи, поточно 3,4 терабајти информации. Со помош на нивните откритија беа започнати истраги против Манчестер сити и ПСЖ.

Во меѓувреме, во негова одбрана застанаа голем број навивачи од Германија кои сметаат дека Пинто работел во корист на фудбалот. Тој беше уапсен во јануари годинава од страна на унгарската полиција, кои потоа го предадоа на властите во Португалија.

- Оглас -

Најнови вести