На прес-конференцијата пред утрешниот историски меч на кој ГРК Охрид има добра шанса да го освои трофејот во ЕХФ Европскиот куп во ракомет, тренерот Борис Ројевиќ и голманот Кристијан Пилиповиќ ги кажаа своите очекувања од дуелот со унгарска Татабања, по победата на македонскиот тим од 29-28 на првата средба во Унгарија.
„Историјата е веќе испишана, со самиот влез во финале на ЕХФ Европски Куп сметам дека ГРК Охрид направи еден огромен успех. На чекор сме до освојување на трофејот што би бил исклучителен успех за клубот, за градот, за државата и за сите. Можам да кажам во име на момците дека ќе го оставиме и последниот атом од нашата сила заедно со навивачите. Татабања беше апсолутен фаворит. Кога размислувавме за извлекувањето само сакавме Татабања да ни падне што е можно подоцна, бидејќи тие беа буквално апсолутни фаворити. Но, ние имаме добар резултат од Татабања, иако сметам дека требаше да биде и подобар. Имаме резултат каков што имаме, ќе го имаме зад нас целиот град Охрид, што сите го чувствуваме овие денови. Тензијата малку расте и сите со нетрпение чекаме да започне натпреварот, рече Ројевиќ.
Татабања, посочи Ројевиќ, во оваа сезона сите натпревари ги одигра многу подобро на гостински терен.
„Клучно ќе биде моите момци да се опуштат и да го одиграат најдобриот натпревар што можат. Да не бидат под притисок на освојување на трофејот, затоа и реков дека веќе направивме многу оваа сезона. Ова финале ќе им биде награда за сè што направија добро оваа сезона. Утре сите заедно со срце, душа, сè за Охрид!, додаде Ројевиќ.
Реваншот е закажан утре со почеток во 20 часот во СРЦ „Билјанини извори“, а ракометарите на ГРК Охрид ќе играат пред полни трибини откако сите билети беа продадени за нецели 15 минути.
Инаку градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, оствари средба со потпретседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Предраг Бошковиќ.


