Хамилтон со жестоки критики кон Формула 1 на темата расизам

САД деновиве се потресени од протести како реакција на смртта на Џорџ Флојд, црномурниот човек кој беше брутално убиен на улица од еден полицаец кој го апсеше и неколку минути го остави без воздух. Многу спортисти од црната раса им даваат поддршка на протестите, а еден од нив е и Луис Хамилтон. Најуспешниот Ф1 пилот во последната деценија смета дека Формула 1 несоодветно реагира на ваквите појави и е лут што никој од неговиот спорт не даде поддршка во борбата против расизмот во САД.

Хамилтон е единствен пилот во Формула 1 кој не е белец.

„Гледам како одлучивте да молчите и да поддржите неправда. Ниту еден знак или потег нема од мојот спорт во кој доминираат белците. Јас сум единствен црномур и осамен сум во борбата. Само да знаете дека знам за какви луѓе во мојата индустрија се работи. Сакам и да се знае дека не стојам зад оние што палат згради и уриваат сè пред себе, туку им давам поддршка на луѓето кои протестираат мирно и бараат правда. Нема да има мир додека лидерите не направат промени. Ова не се однесува само на Америка, туку на целиот свет. Мора да се смени начинот на кој се третираат малцинствата. Никој не се раѓа расист или со омраза во срцето, тоа го учиме од тие на коишто се угледуваме“, рече Хамилтон.

- Оглас -

Најнови вести