Харден сонува да биде како Џордан, Коби, Вејд…

Иако несомнено е меѓу најдобрите бекови во НБА-лигата во изминативе години, Џејмс Харден и натаму трага по шампионскиот прстен. Влегувајќи во десеттата сезона во најатрактивната кошаркарска лига, ѕвездата на Хјустон рокитс досега се закити со бројни индивидуални одличја, но му недостасува „она“ главното за да го заслужи местото во елитното друштво, предводено, пред сè, од великаните Мајкл Џордан и Коби Брајант.

„Не сум остварил ниту половина од тоа што го замислувам. Како на пример, неколку шампионски титули. Сакам да бидам од оние играчи кои никогаш нема да ги заборавите. А, секако, се паметат Коби, Џордан, Вејд… Сакам да сум во тоа друштво, да бидам меѓу најдобрите бекови во историјата на НБА“, истакна Харден.

Најкорисниот кошаркар за сезоната 2017/18 лани заврши како најдобар поентер со просек од 36,1 поен по натпревар, што воедно е и негов рекорд во кариерата.

„Индивидуалните награди се супер, но не можам со тоа да се задоволам. Работам напорно секој ден и сметам дека сум на вистински пат да си го остварам сонот. Ќе освојам барем еден прстен порано или подоцна, само треба да бидам трпелив“, додаде Џејмс.

Тексашката франшиза има големи амбиции за новата сезона откако во ростерот додадоа уште една ѕвезда – Расел Вестбрук, досегашниот плејмејкер на Оклахома сити тандер, со кого Харден повторно ќе соработува по седум години.

- Оглас -

Најнови вести