Харлем-шоу на Лука Дончиќ, ги забавуваше сите и го израмни рекордот на Новицки со 50 поени (Видео)

Лука Дончиќ одигра нов брилијантен меч во НБА лигата и ги забавуваше сите во „Тојота центар“ во Хјустон, а со 50 поени и го израмни клупскиот рекорд на Далас маверикс што досега сам го држеше Дирк Новицки.

За Лука ова е втора 50-ка, колку што има и легендарниот Германец, па двајцата европјани се ко-рекордери во Далас.

Маверикс го победија Хјустон со 112:106 и се во плејоф зоната во Западната конференција со биланс 17-16.

Дончиќ имаше и 10 асистенции и 8 скока, а на моментни со лудите идеи и акции личеше на кошаркарите на легендарната постава на Харлем Глобтротерс.

Дончиќ во моментов има просек од 32.8 поени, 8.3 скока и 8.7 асистенции и ако успее да се задржи на нивото 32-8-8 до крајот на сезоната ќе биде единствениот во историјата на НБА лигата, заедно со Мајкл Џордан што му успеал таков подвиг.

Страшен меч, најдобар во кариерата одигра Тајриз Халибартон за Индијана пејсерс и го реши со тројка во последните секунди за победа против Мајами од 111:108.

Халибартон постигна личен рекорд од 43 поени, а постигна и 10 тројки што е клупски рекорд на Пејсерс.

Еден поен повеќе постигна Шеј Гилџиус-Александер за Оклахома тандер сити, но и 44 поени од него не беа доволни за победа во драматичен меч против Њу Орлеанс пеликанс.

Гостите славеа со 128:125 по продолженија.

Останати резултати:

Орландо – Сан Антонио 133:113, Филаделфија – Л.А. Клиперс 119:114, Атланта – Детроит 130:105, Бостон – Минесота 121:109, Бруклин – Милвоки 118:100, Кливленд – Торонто 107:118, Њујорк – Чикаго 117:118, Денвер – Портланд 120:107, Феникс – Мемфис 100:125, Сакраменто – Вашингтон 111:125, Л.А Лејкерс – Шарлот 130:134. 

 

- Оглас -

Најнови вести