ХаВАРија во Англија: Дури и тренерот на Тотенхем се срами од победата против Челзи

Тотенхем го победи Челзи со 1-0 во првиот меч од полуфиналето на Лига купот, но во центарот на вниманието остана лошата одлука на судијата Мајкл Оливер, која директно влијаеше врз конечниот резултат. Во 26-тата минута досуди пенал за Тотенхем, а Хари Кејн успеа да погоди. Пеналот беше исправно досуден, но судијата не забележа дека пред да има прекршок за најстрога казна, Кејн беше во офсајд. Сепак, наместо да проверува дали Кејн бил во дозволена ситуација, арбитерот Оливер реши да проверува дали имало прекршок за најстрога казна.

Откако подоцна сите видоа дека Кејн е во недозволена ситуација, тренерот на Тотенхем, Маурисио Покетино, рече дека не сака неговиот тим да победува на ваков начин.

„Не ми се допаѓа видеотехнологијата. Денес беше во наша корист, но го гледав Светското првенство, следам и Ла Лига и гледам што се случува. Ми се чини дека никој не е среќен“, рече Покетино по мечот.

И тренерот на Челзи, Маурицио Сари сам се увери дека имало офсајд од Кејн во акцијата по која беше досуден пеналот.

„Ја гледав снимката која беше снимена со наша камера. Таа беше во линија со Кејн и се гледа дека се работи за офсајд. Во недозволена ситуација му се коленото и главата. Англиските судии уште не знаат како се користи технологијата ВАР“, констатираше Сари.

Во Англија, системот ВАР се користи само во средбите од купот, додека официјалната промоција на ова помагало за судиите во Премиер лигата ќе ја има од следната сезона.

Пред неколку дена, Реал Мадрид беше најгласен поради неправилната употреба, односно одлуката да не се искористи помошта од системот ВАР. Кралскиот клуб верува дека требаше да има пенал во нивна корист на дуелот против Сосиедад, но судијата одби да користи помош.

- Оглас -

Најнови вести