Херојот Ливаковиќ ѝ одбрани три пенали на Јапонија и ја прати Хрватска во четвртфиналето (Видео)

Хрватска се пласира во четвртфиналето на Светското првенство откако по повеќе од два часа драма, ја елиминира Јапонија, и тоа по подобро изведување на пенали. Резултатот во регуларниот дел беше 1:1, па мораа да се играат дополнитени 30 минути продолженија. И во овие продолженија немаше погодоци, па победникот мораше да се решава на пенали.

Во пенал-рулетот Хрватска беше поуспешна и славеше со 3:1. Во четвртфиналето следен противник на Коцкестите ќе им биде подобриот од вечерашниот меч меѓу Бразил и Јужна Кореја.

Во пенал-драмата Јапонија прва шутираше, а резултатот се одвиваше вака: 0:0 Минамино шутира, Ливаковиќ брани, 0:1 Влашиќ, 0:1 – Итома шутира, Ливаковиќ брани, 0:2 Брозовиќ, 1:2 Асано, 1:2 Ливаја во стативата, 1:2 Тошида шутира, Ливаковкиќ брани, 1:3 Пашалиќ.

Во регуларниот дел од мечот, Јапонија првпат на ова првенство беше во ситуација прва да даде гол. Откако против Германија и Шпанија со пресврти стигнуваше до победата, а од Костарика загуби во групната фаза, овојпат Самураите први се израдуваа на погодок.

По еден изведен корнер во 43-тата минута, Дајзен Маеда се најде сам во петерецот и без многу мака ја затресе мрежата на противникот.

Во второто полувреме Хрватска тргна агресивно и само по 11 минути стигнаа до израмнување. По нафрлување на Ловрен, Перишиќ на актрактивен начин со глава од 10-тина метри го матира голманот на Јапонија и израмни на 1:1.

Од таа 56-та минута, па сè до 120-тата минута мрежите на двата тима мируваа, па на крајот мораше победникот да се решава по изведување на пенали, каде што на крајот подобра беше селекцијата на Хрватска.

На Мундијалот во Русија пред четири години, Хрватска на сличен начин стигна дури до финалето. Тогаш против Данска во осминафиналето помина на пенали, потоа во пенал-рулетот беа подобри и од домаќинот Русија, а во полуфиналето во дополнителни 30 минути дадоа гол за да бидат подобри од Англија. Во финалето со 4:2 загубија од Франција.

- Оглас -

Најнови вести