Херојот на Леванте против Атлетико, е навивач на Реал

Леванте вчера го шокираше Атлетико среде Мадрид во победата од 2-0 по што се врати неизвесноста во трката за шампионската титула во Шпанија. Барди и компанија им го нанесоа првиот пораз на домашен терен на Јорганџиите за оваа сезона, а еден од хероите на „ванда Метрополитано“ беше голманот на гостите, Дани Карденас.

Младиот 23-годишен чувар на мрежата во главно е резерва во Леванте, односно вчера му беше само втор настап сезонава во Ла Лига, во кој го покажа својот потенцијал. Карденас забележа 11 интервенции и ги скроти сите закани од страна на напаѓачите на Атлетико, па откри зошто бил посебно мотивиран да блесне.

„Уште од дете навивам за Реал Мадрид, всушност целото мое семејство ги поддржува Кралевите. Би сакал Реал повторно да биде шампион“, истакна Карденас.

По 24 кола во Ла Лига, Атлетико е прв на табелата со 55 бода и натпревар помалку, додека Реал вчера го искористи киксот на градскиот ривал и со минималните 1-0 на гости кај Валјадолид, дојде на само три бода заостаток.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести