Херојот на Сити е еден од најскромните фудбалери: Живеел во студентски дом, возел половна Опел Корса

Шпанскиот репрезентативец Родри е херојот на Манчестер сити. Дефанзивниот играч за врска го постигна единствениот гол во финалето од Лигата на шампиони против Интер. Родри погоди во 68 минута и тој момент на крајот се покажа како доволен за најголемиот успех во историјата на Граѓаните.

По финалето, Родри беше самокритичен дури велејќи дека не е најзадоволен за тоа како одигра во финалето. „Не сум задоволен од тоа што го покажав во првото полувреме. Одиграв како го*но. Потоа си реков дека морам да ја пребродам таа ситуација, а на крајот успеав да постигнам и гол. Неверојатно“, рече Родри по финалето во ЛШ.

Според платата која ја заработува во Манчестер сити, Родри е на шестото место на најплатени фудбалери со 13 милиони евра годишно. Сепак, секој месец заработува повеќе од еден милион евра, тој е многу скромен и не се однесува како ѕвезда.

Родри нема Инстаграм, Твитер и Фејсбук, а не е дел од ниту една друга социјална мрежа, па неговиот живот е целосно приватен и далеку од јавноста. Кариерата на Родри започна во 2007 година во тимот на Рајо Маџадаронда како 10-годишно дете. Потоа заминува во школата на Атлетико Мадрид, а во 2013 година станува дел од младинскот тим на Вилјареал.

Во 2015 година дебитира во профи фудбалот и тоа во дресот на Жолтата подморница. Одигра 84 натпревари за Вилјареал во кои постигна и два гола, а во 2018 година направи трансфер во Атлетико Мадрид. По само една година помината во Атлетико, за него се заинтересира Манчестер сити и Граѓаните успеаа да го доведат во 2019 година.

Во четири сезони во дресот на Манчестер сити, Родри одигра 207 мечеви, а постигна 17 голови. Погодокот од синоќа во Истанбул ќе биде запишан со „златни букви“ во клупската историја.

Покрај играњето фудбал, Родри студираше и економија, а иако имал доволно пари да живее во луксузен стан, тој бил дел од студентскиот дом.

„Многумина се чудеа што некој кој е толку познат и популарен го гледаш секој ден во студентски дом како стои во ред за храна. Но, тој е таков. Многу едноставен, сосема обичен, како секој друг студент. Се дружи со пријателите и е љубезен кон сите. Не сака да добива многу внимание само затоа што игра фудбал“, пред неколку години изјави Валентино Енаречо кој е пријател на Родри.

Додека бил дел од тимот на Вилјареал, на тренинзите и на натпреварите пристигнувал со половна Опел Корса, која ја купил од некоја постара госпоѓа.

Е токму тој Родри, сега е херојот во финалето од Лигата на шампиони, а неговото име ќе остане запишано како човекот кој го постигна голот што ја донесе првата титула на Манчестер сити во најелитното европско натпреварување.

 

 

- Оглас -

Најнови вести