Португалскиот репрезентативец Рафаел Леао јавно потврди дека е подготвен за нов предизвик и дека сака да го напушти Милан ова лето.
Во разговор за португалската телевизија „Спорт ТВ“, офанзивецот призна дека чувствува оти неговата етапа на „Сан Сиро“ е при крај.
„Веќе дадов сè што имам во Милан. Тоа е клуб кој многу ми помогна да созреам како играч и ме поддржа во тешките моменти. За среќа, успеав да го запишам своето име во неговата историја“, изјави Леао.
Португалецот беше прогласен за најдобар фудбалер во Серија А во сезоната 2021/22, кога Милан ја освои шампионската титула. Сепак, следните сезони не ги донесоа посакуваните резултати, а Росонерите во последните две години не успеаја да обезбедат пласман во Лигата на шампионите.
„Мислам дека секој има свои соништа и предизвици кон кои тежнее. Јас барам нов предизвик, во нов шампионат. Ако тоа се случи, ќе бидам многу среќен, но и задоволен затоа што ја завршив својата работа во Милан“, додаде напаѓачот.
Леао зад себе ја има една од најтешките сезони во дресот на Милан. Под водство на тренерот Масимилијано Алегри, кој се откажа од класичната игра со крила, Португалецот беше користен повеќе во центарот на нападот, позиција на која не успеа да ги повтори своите најдобри партии од претходните години.

