Хофенхајм не се снајде против десетмина „милионери“

Двата тима кои ја претставуваат Германија во Лигата на шампионите, Хофенхајм и Борусија Дортмунд, мораа да се задоволат со по еден бод во својот меѓусебен дуел, во попладневното дерби на Бундеслигата.

На претходниот домашен меч на Хофенхајм против Дортмунд, Хофенхајм обезбеди место во Лигата на шампионите, па клубот има прилично пријатни сеќавања од двобоите со „милионерите“.

За Борусија трае серијата од четири меча без пораз, додека за Хофенхајм, заврши низата од осум средби едноподруго без нерешен исход. Борусија вторпат сезонава ремизираше, додека Хофенхајм е во долната половина на табелата со скромни 4 бода (по една победа и нерешено, и два порази).

Водство на Хофенхајм му донесе засилувањето Жоелинтон, за кого ова е прв бундеслигашки гол. Во 76 минута проблемите за Борусија навидум се зголемија, откако Диало доби црвен картон, но само осум минути подоцна, Ројс асистираше до Пулишиќ, кој се врати после повредата, го даде својот прв гол сезонава, и гостите изедначија на 1:1.

Лидер на табелата е Херта Берлин, која има 10 бода од четири меча, и може да биде симната само ако Баерн слави вечерва или ремизира во Гелзенкирхен. Тимот од Берлин и го нанесе првиот пораз сезонава на Борусија Менхенгладбах.

Нирнберг после цели четири години, повторно победи на еден меч од германската елитна лига.

Резултати: Аугзбург – Вердер 2:3, Херта – Борусија Менхенгладбах 4:2, Хофенхајм – Борусија Дортмунд 1:1, Нирнберг – Хановер 2:0, Волфсбург – Фрајбург 1:3.

Од 18.30 часот се игра дербито Шалке – Баерн.

- Оглас -

Најнови вести