Фудбалскиот дуел меѓу УТА Арад и Фарул Констанца во Првата лига на Романија долго беше во прекин по хорор повредата на тинејџерот Габриел Данулеаса.
Играчот на гостите, кој има само 18 години и дебитираше на прволигашката сцена настрада во дуелот со Бразилецот Роџер, а по долгата интервенција на медицинскиот тим замина со помош на носилка и со имобилизиран врат.
Воздушниот дуел на двајцата играчи во 77. минута беше страотен, а Данулеаса беше сериозно повреден, па беше пренесен во болница.
„Се исплашивме, особено поради случајот со Кристијан Ериксен на Европското првенство. Добро е што медицинскиот тим реагираше многу брзо. Се надеваме дека Габриел брзо ќе закрепне и ќе ни се приклучи на терен“, изјави Адријан Петре, напаѓачот на Фарул.
Неговиот тим успеа да освои еден бод со реми без голови против Арад и со 9 играчи на теренот на домаќинот. Во 70. минута беше исклучен Дусо, а по повредата на Данулеаса гостите немаа право на замена, бидејќи Георге Хаџи претходно веќе го исполни предвидениот бонус со три замени.