Хрват го спречи Динамо Загреб да направи нешто што не е видено во историјата на еврокуповите

Динамо Загреб ја победи ЦСКА Москва со 3-1 и како првопласиран во својата група ја чека ждрепката за нокаут-фазата во Лигата на Европа, но загрепските Модри испуштија голема шанса да испишат историја во европскиот фудбал. Само 15 минути ги делеа од подвигот да станат прв тим во историјата на Лигата на шампионите или Лигата на Европа кој групната фаза ја завршил без примен гол.

Модрите на првите пет меча против Феенорд, Волфсбергер и ЦСКА не примија гол, вечерва на „Максимир“ 75 минути одолеваа, но по водството од 3-0, како да се опуштија, па примија гол. Да биде болката поголема, голот кој ги спречи да испишат историја и засекогаш да останат таму, им го даде Хрват.

Стрелец за ЦСКА беше плејмејкерот Кристијан Бистровиќ, 22-годишен Хрват кој до пред две години настапуваше за Славен Белупо. Сепак, и со 522 минути без примен гол во групна фаза, Динамо е рекордер во еврокуповите кои се играат по ваков систем, во групи со по четири тима.

Лоша вест за Динамо е што во првото полувреме се повредија двајца негови фудбалери, од кои едниот капитенот, нашиот интернационалец Аријан Адеми, кој го повреди задниот дел на бутниот мускул.

- Оглас -

Најнови вести