Хрватска води на полувреме, но Македонија не се предава

Македонија за првпат на Светското првенство во Германија и Данска е во негатива на полувремето. Во дерби-дуелот против Хрватска, Македонија губи со 16:11. Остануваат уште 30 минути, во кои избраниците на селекторот Раул Гонзалес ќе се обидат да ја анулираат негативата против фаворизираните „коцкести“.

Хрватска уште од самиот старт поведе со 1:0, а нашите преку Манасков израмнија на 1:1. Потоа Хрватите поведоа со 4:2, а Македонија стигна до уште едно реми 4:4. Потоа следуваше серија на „коцкестите“ од 3:0 за 7:4 и контрола на резултатот. Македонија успеа да намали на 7:9, а потоа следуваше период во кој нашите ракометари повеќе од пет минути не дадоа гол, па Хрватите стигнаа до 13:7 во 25-тата минута. Конечно дадовме гол, и тоа по цепелинот на Георгиевски и Манасков, за намалување на 13:8. До крајот на првиот дел, Хрватска ја задржа предноста од пет разлика.

Дејан Манасков со пет гола од девет обиди е најпрецизен во нашиот состав. Капитенот Кирил Лазаров даде два гола, колку што има и Талески. По еден гол дадоа Георгиевски и Пешевски. Кај Хрватска најдобар е голманот Марин Шего, кој има осум одбрани, додека вардаровиот играч Игор Карачиќ даде четири погодоци.

 

- Оглас -

Најнови вести