Плејмејкерот на Оклахома сити тандер, Шеј Гилџес-Александер, втора сезона по ред ја освои МВП наградата за најкорисен играч во регуларниот дел од НБА-лигата, објави „ЕСПН“.
Оклахома ја брани шампионската титула оваа сезона, а по фантастичниот регуларен дел заврши со најдобар ефект во целата лига, поради што повторно важи за еден од главните фаворити за освојување на трофејот.
Ова е 14-ти пат во историјата на НБА еден кошаркар да ја освои престижната МВП награда две години по ред.
Гилџес-Александер зад себе има извонредна сезона во која бележеше просек од 31,1 поен по натпревар, што го прави втор најдобар стрелец во лигата. Покрај тоа, имаше и 4,3 скока и 6,6 асистенции по меч, со одличен процент на шут од 55 проценти.
Оклахома веќе обезбеди пласман во финалето на Западната конференција, каде ќе се соочи со Сан Антонио спарс.
Во трката за МВП признанието зад него останаа Никола Јокиќ и Виктор Вембањама.

