Ремито со Верона нема да ја расипе прославата на двојната круна на Интер (Видео)

Фудбалерите на Интер во средата ја заверија „двојната круна“, откако со победата над Лацио во финалето на Купот на Италија ја потврдија шампионската титула во Серија А, освоена уште претходно.

Денеска на „Џузепе Меаца“ не успеаја да ja совладаат Верона, натпреварот од претпоследното коло заврши 1-1, па резултатот немаше значење за конечниот расплет. Сепак, Нераѕурите по мечот се префрлаат на улиците на Милано, каде што ги очекува голема прослава со навивачите.

Тренерот Кристијан Киву направи ротации во составот, со оглед на тоа што противникот е тим кој веќе се подготвува за настап во Серија Б, па Интер настапи со комбиниран тим и не успеа да стигне до победа, иако беше блиску.

Домашните поведоа во 47-мата минута. По изведен корнер, Бони се најде на вистинското место и упати удар со глава, топката првично не одеше во рамките на голот, но по одбиена реакција од дефанзивецот Едмундсен ја промени насоката и заврши во мрежата за 1-0.

Интер потоа целосно ја контролираше играта, а искусниот Мхитарјан пропушти неколку големи шанси да ја зголеми предноста. Закани упати и Петар Сучиќ, но без промена на резултатот.

Казната стигна во судиското продолжение. Верона изведе одлична акција, а Боуви го постигна голот за конечни 1-1 во 91-та минута.

Иако не заврши според очекувањата, ова нема да ја намали еуфоријата во Милано, каде што започнува големото славје за двојната титула.

- Оглас -

Најнови вести