Ловро Звонарек е голем талент на хрватскиот фудбал, а тоа го потврди со трансфер во Баерн, но сè уште игра за Славен Белупо во ХНЛ и веќе се запиша во Гинисовата книга на рекорди.
Неговиот подвиг е уникатен откако беше капитен на Славен на дуелот со Хајдук во неделата само со 16 години, 11 месеци и 16 дена.
Звонарек го урна рекордот на Кристофер Ајер, актуелниот играч на премиерлигашот Брентфорд за само четири дена.
Норвежанецот што настапува во англиското првенство во 2015 година беше капитен на Старт на возраст од 16 години, 11 месеци и 20 дена, па беше запишан како апсолутен рекордер за најмлад играч што носел капитенска лента.
Сега приматот му го презеде Звонарек, играч што е најавен како блескав талент, а има уште еден рекорд, како најмлад стрелец во историјата на хрватското првенство на возраст од 16 години и 14 дена.
Баерн лани му плати на Славен Белупо 2 милиони евра отштета, а трансферот може да чини максимум пет милиони евра со бонуси. Хрватскиот тинејџер по сугестија на раководството на прволигашот од Копривница, прво одби да потпише договор со Баварците бидејќи почетната понуда од 750 илјади евра не беше прифатлива.
Потоа следуваше нова и многу подобра, а Баерн никогаш досега не платил 2 милиони евра за играч помлад од 18 години. Звонарек е екстра-талент и уште еден бисер на хрватскиот фудбал и прв играч што директно од ХНЛ станал член на Баерн.