Хулиганот кој со шише го удри Паје во глава заврши во затвор!

Дербито во франциското првенство меѓу Олимпик Лион и Олимпик Марсеј требаше да се игра во неделата, траеше само неколку минути пред да биде прекинато. Навивач на домашниот тим со пластично шише полно со вода го удри директно во главата Димитри Паје, кој остана да лежи на тревата.

Поради овој инцидент, дуелот не се доигра, а хулиганот што го фрли шишето веднаш беше пронајден. Уште додека беше на стадионот, причинителот на инцидентот доби „воспитна“ шлаканица од друг навивач, но тоа не е ништо во однос на тоа што денеска го доби.

По брза постапка, хулиганот беше изнесен пред суд и прогласен за виновен, за што доби шест месеци казна затвор. Освен затворската казна, хулиганот ќе треба да плати и симболична сума од по едно евра на оштетените страни, а тоа се Паје, Олимпик Марсеј и француската лига.

Освен затворската казна, хулиганот доби забрана за влез на стадионите во Франција во траење од пет години. Интересно е дека на судењето, хулиганот пристигнал во дуксер со амблем на Баерн Минхен, а пред судијата рекол дека воопшто немал намера да го погоди Паје, туку само сакал да го заплаши и шишето го фрлил за да падне покрај фудбалерот.

Хулиганот кој доби шестмесечна затворска казна и во минатото бил во затвор, и тоа поради измама.

- Оглас -

Најнови вести