И како третолигаши се поим во германскиот фудбал (Видео)

Динамо Дрезден ќе игра во второто коло на националниот Куп на Германија по убедливата победа од 4:1 против Хамбургер, а навивачите на домашниот тим поставија рекорд во првата рунда на популарниот ДФБ Покал.

Над 10 илјади навивачи на Динамо Дрезден беа присутни на стадионот „Рудолф Харбиг“ во Дрезден, што е најголема бројка во првата рунда на најмасовното фудбалско натпреварување во германскиот фудбал.

Симпатизерите на Динамо се познати како едни од најлојалните во светот на фудбалот. Познати се нивните акции во обид да му се помогне на клубот со светла традиција, што има финансиски проблеми во последно време, кои и го доведоа до пад во третиот ранг на натпревари.

Приврзаниците на клубот од Дрезден купуваа билети, и тоа масовно, и кога не можеа да бидат присутни на трибините, а долго ќе се памети нивната инвазија на Берлин, лани во меч од Купот на Германија против Херта.

Во главниот град на Германија пристигнаа дури 35 илјади навивачи на Динамо, што е рекордна посета за гостински тим во Германија.

Во останатите два меча што се одиграа денеска во првото коло од Германскиот куп, Хановер се пласираше во следната рунда со триумф од 3:2 против Вирцбургер кикерс, а Есен го изненади новиот бундеслигаш Арминија Билефелд со победа од 1:0.

Од 20.30 часот ќе играат Дуисбург и Борусија Дортмунд, што е последен меч од првото коло за овој месец. Во октомври треба да се одиграат и последните два натпревари меѓу Швајнфурт и Шалке 04 и дуелот меѓу Дурен и Баерн Минхен.

- Оглас -

Најнови вести