И Ќиро се огласи по повод можноста да има дуел Динамо – Црвена ѕвезда: Рано е сине!

Славниот хрватски „тренер над сите тренери“, Мирослав Ќиро Блажевиќ, даде свое мислење по повод можноста во плејофот за влез во групите од Лигата на шампионите еден против друг да се најдат Динамо Загреб и белградската Црвена ѕвезда. Овие два најдобри тима на просторите на поранешна Југославија во моментов 30 години немаат играно меѓу себе.

За да има дуел Динамо – Ѕвезда, треба Модрите да ја елиминираат Легија Варшава, а Црвено-белите да бидат подобри од Шериф Тираспол.

„Рано е сине да зборуваме за тоа. Треба прво да се дојде до плејофот. Така кажувам затоа што го познавам фудбалот. Треба да се скокне, па да се каже оп. Полека, ќе зборуваме ако дојде до мечот. А, јас се надевам дека ќе дојде до меч на Динамо и Ѕвезда. Би сакал тогаш да се покаже честитост и спортска култура“, изјави Блажевиќ за српскиот „Спортски журнал“.

Популарниот Ќиро додал дека секако ќе отпатува во Белград да го гледа натпреварот. Блажевиќ, под чие водство Динамо ја освои последната своја титула во југословенската лига пред речиси 40 години, своевремено бил блиску да стане тренер на Ѕвезда.

- Оглас -

Најнови вести