И Клоп му честиташе на човекот кој испиша една од најубавите фудбалски приказни во Англија

Викомб синоќа направи историски успех откако со 2:1 го победи Оксфорд на „Вембли“ и се избори за место во Шампионат лигата во Англија. Во 133-годишната историја, Викомб за првпат ќе игра во втората по сила лига во Англија.

Култен херој на Викомб е Адебајо Акинфенва, кој во најважниот меч влезе во игра во второто полувреме. Акинфенва го има статусот на најсилен фудбалер во светот. Висок е 185 сантиметри, а и покрај тоа што има 105 килограми, покажа дека никогаш не треба да се откажувате од сонот кој го имате.

Пред четири години, Акинфенва доби едно големо разочарување кога од Вимблдон му се заблагодарија и го оставија без работа. Сепак, фудбалерот не се откажа и Викомб го повика во своите редови. Од 2016 година досега тој одигра над 150 мечеви за тимот кој се бореше и на крајот се избори за влез во Шампионат лигата. По завршувањето на дуелот со Оксфорд, Акинфенва беше пресреќен и направи вистинско шоу додека даваше интервју.

„Ве молам кажете ми што успеавме да направиме?Се пласиравме во Шампионат лигата. Прво му се заблагодарувам на Господ што невозможното го направи возможно. А пред четири години бев без клуб. Тогаш некој реши да донесе одлука за мене дека не вредам, а јас денеска покажав дека единственото мислење кое навистина вреди е мислењето кое го имате самите за себе. Се надевам дека мојата приказна покажува колку е важно да имате доверба во самите себе. Сега сакам да славам, а единствено кој може да ми се јави е Јирген Клоп за да можеме заедно да славиме“, рече Акинфенва, кој е и голем навивач на Ливерпул.

Не помина многу време откако Акинфенва го даде интервјуто, а потоа му пристигна повик, и тоа лично од Клоп.

„Не го гледав интервјуто по мечот, но ми се јави Џордан Хендерсон и ми рече дека Акинфенва сака да зборува со мене. Успеав да најдам број и да контактираме. Од срце му честитам за успехот. Се надевам дека во ова чудесно време на вистински начин ќе го прослави успехот“, рече Клоп.

 

- Оглас -

Најнови вести