И кога се помалку, Ајкулите од Сан Хозе се опасни

Сан Хозе шаркс приреди голем подвиг со победа на гостински терен против ланскиот финалист во НХЛ, Вегас Голден најтс, во ситуација кога имаше хокеар помалку на теренот.

Чехот Томас Ертл во продолжение постигна таканаречен шортхенд-гол за триумф од 2:1 и израмнување на серијата на 3:3. Ќе се игра мајсторка за пласман во второто плејоф-коло во Западната конференција, а популарните Ајкули од Сан Хозе покажаа карактер и дека се опасни дури и кога се бројчено помалку на мразот.

Ертл е јунакот на вториот носител во Западната конференција, откако и на претходниот меч што го доби Сан Хозе со 5:2 беше расположен и постигна два гола. Во НХЛ ретко се случува екипа што губела со 1:3 во плејоф-серија и била на прагот на елиминација да успее да приреди подвиг и да мине понатаму, а токму во таква позиција ќе бидат Шаркс во мајсторката на свој терен за два дена.

Седми решавачки меч ќе има и на дуелот на старите ривали Торонто мејплифс и Бостон бруинс, како што ѝ прилега на серија на двете единствени екипи од „оригиналните шест“ што играат во плејофот, а ја основаа НХЛ-лигата.

Торонто беше во ситуација со триумф на домашен терен да ѝ стави крај на серијата, но загуби со 2:4 и ќе се игра мајсторка, но овојпат во Бостон Гарден.

Бред Маршанд блескаше со два гола и асистенција, Круг и Дебруск постигнаа по еден погодок и ја вратија серијата во Бостон, каде што ќе се одлучува која екипа ќе игра со сензацијата на првото коло, Колумбус блу џекетс.

- Оглас -

Најнови вести