Екипите на Тиквеш и Воска спорт утревечер на арената „Тодор Проески“ ќе играат во историското прво финале за нив на фудбалскиот Куп на Македонија. Освен што ова е дуел по кој една од двете екипи ќе се закити со вредниот трофеј од ФФМ, ова е меч кој треба да го даде патникот во квалификациите за Лигата на Европа за новата сезона.
„Ова е историско финале. Тиквеш е клуб со голема традиција, но првпат сме на ова ниво. Да не бидеме скромни, сакаме да победиме, без разлика дали тоа ќе биде по 90 минути игра, по 120 минути или на пенали. Воска е противник кој заслужува респект“, вели тренерот на Тиквеш, Ѓоко Мојсов.
И од охридскиот тим на Воска веруваат дека може да испишат историја.
„Тиквеш е клуб со традиција, а за разлика од нив, ние сме млад клуб кој само по три-четири години стигнавме до финалето. Ова е голем успех за нас. Успеавме и во Прва лига да бидеме одлични. Имаме респект кон противникот, но и ние имаме квалитет и се надеваме дека трофејот на крајот ќе заврши во витрините на Воска“, рече предводникот на Воска Спорт, Срѓан Захариевски.