ИААФ одлучи: Семења мора да зема терапија ако сака да се трка со жени

За Интернационалната атлетска федерација, ИААФ, атлетичарката Кастер Семења е биолошки маж и од Спортскиот арбитражен суд бара да ѝ нареди на Јужноафриканката да зема терапија за намалување на тестостеронот доколку сака да се натпреварува во женска конкуренција.

„ИААФ ниту една спортистка со нарушување на полова диференцијација не ја класифицира како маж. Го прифаќаме полот и дозволуваме да се трка во женска конкуренција. Но, кога спортистка со полово нарушување има тестиси и ниво на тестотерон како кај мажите, коските и мускулите растат и се засилуваат, се зголемува хемоглобинот како кај машки лица кои го поминале пубертетот, тоа се предности кои на мажите им даваат предност во натпреварувањето во однос на жените. За да обезбедиме рамноправно натпреварување во женска конкуренција, треба да се намали тестостеронот и тој да дојде до ниво како кај жените“, пишува во соопштението на ИААФ.

Ако судот одлучи во полза на Семења и другите спортистки со сличен проблем, тогаш спортистките со нормален број на тестостерони и понатаму не би имале шанса да победат некоја колешка која има полово пореметување.

Семења пред 10 години предизвика бура во атлетскиот свет кога на 19 години без проблем освои злато на СП во Берлин во трката на 800 метри. Таа цела деценија се бори да докаже дека е жена, иако има длабок глас и конституција на телото како маж.

- Оглас -

Најнови вести