Милан по победата на гостувањето кај Верона, е на четири бода од освојување на титулата во Италија, а има три опции Росонерите да го освојат Скудетото уште следниот викенд.
Математиката кажува дека ако Милан ја победи Аталанта на свој терен, а Интер не победи (пораз или реми) на гостувањето кај Калјари, кој се бори за опстанок, трката е готова. Милан ќе биде шампион и со реми против Божицата ако Интер загуби на Сардинија.
Синоќа Милан со 3-1 славеше против Верона, која двапати (во 1973 и 1990) им ја земаше титулата од раце во минатото, па затоа Миланезите ја нарекуваат „фаталната Верона“.
Тренерот Стефано Пиоли е задоволен што неговите играчи не ги фатила паника по голот на Верона, а откри дека Златан Ибрахимовиќ одржал говор во кој на помладите колеги им порачал: „Се паметат играчите на Милан кои освоиле Скудето или Лига на шампиони. Ако сакате да бидете запаметени, треба да ги добиете сите мечеви до крајот“.