Шведска ја декласира Малта со 4:0 и ги задржа шансите за пласман на ЕП 2020 година, но ќе мора да ги надмине сериозните обвиненија од Златан Ибрахимовиќ.
Легендата на шведскиот фудбал го обвини селекторот Јане Андерсон за расизам, односно дека намерно избегнува да повикува играчи што имаат потекло од други земји, но имаат право да играат за Шведска.
„Што се случи со неговиот прв список? Колку играчи од различно потекло имаше на него? Ниту еден. Го прашаа да образложи зошто е така, но никој не доби одговор. И подоцна под притисок на јавноста мораше да отстапи и да повика неколку играчи што имаат потекло надвор од Шведска“, изјави Ибрахимовиќ, со дополнување дека Андерсон урива сè што сторил тој за имиџот на шведскиот фудбал.
Златан е жива фудбалска легенда во Шведска, а доби одговор од Андерсон.
„Разочаран сум и тажен по вакви сериозни обвинувања што немаат никаква основа“, изјави Андерсон. Утре Швеѓаните го играат клучниот меч во квалификациите, против Шпанија на домашен терен и ако победат, ќе бидат многу блиску до настап на ЕП 2020.