Играа со Металург, но се промашија со Вардар за историја – Јувентус од Карабах ќе биде многу тешка мисија за Силекс

Силекс немаше среќа при ждрепката за првото квалификациско коло во Лигата на шампионите, а противник им Карабах, првиот азербејџански тим што играл во фаза по групи во Лигата на шампионите.

Избраниците на поранешниот селектор на Азербејџан, Гурбан Гурбанов ќе играат на домашен терен против македонскиот претставник, што е дополнителна предност во нокаут меч, закажан за 18. или 19. август.

Карабах апсолутно доминира во првентвото на Азербејџан и од вкупно 8 титули, 7 му се во последните 7 изданија. Доминација речиси на рамниште на таа на Јувентус во Серија А, а Карабах се запиша и во историјата на азербејџанскиот фудбал и на евросцената.

Тие се првиот тим од оваа земја што играл во фаза по групи во Лигата на шампионите, а подвигот им успеа во 2017 година, кога во плејоф фазата го елиминираа Копенхаген, благодарение на голот на гостински терен при израмнет резултат 2:2 (1:0 и 1:2).

Интересно во тој циклус едно коло претходно Копенхаген го елиминира Вардар, па не дојде до плејоф двомеч за место во групите во ЛШ меѓу Карабах и нашата најтрофејна  фудбалска екипа.

Првиот противник на Силекс во овој циклус за настап во фазата по групи во ЛШ, сепак има играно против наша екипа и тоа два двомечи со Металург и во двата беше поуспешен.

Во првото квалификациско коло за Европа Лигата во сезоната 2010/11 Карабах мина понатаму со вкупен резултат 5:2 (4:1 и 1:1), а потоа повторно ги елиминираше металурзите во истата фаза со две победи од по 1:0 во сезоната 2013/14.

Карабах има дузина впечатливи резултати во европските купови, а успеа да ремизира со Интер, Атлетико Мадрид, Сент Етјен, Монако, Селтик…, а има победи против Бриж, Салцбург, Андерлехт, Јанг Бојс, ПАОК, Гетеборг, Розенборг….

Карабах има дузина квалитетни играчи, предводени од Рашад Садиков, рекордерот со 111 настапи во азербејџанската репрезентација. Тука се и еден од најдобрите стрелци Емрели, Шпанците Мичел и Ромеро, францускиот интернационалци Зубир и Гвеје, а за Карабах во златната ера на стандардни настапи на клубот во фаза по групи во ЛШ, или ЛЕ играше и нашиот фудбалер Муарем Муарем.

Предност за Силекс во нокаут мечот во Баку ќе биде натпреварувачкиот ритам на Кратовци, за разлика од Карабах, кој ќе го игра првиот официјален меч од март, токму против нашиот претставник во квалификациите за ЛШ на 18. или на 19. август.

Македонското првенство веќе започна и Силекс ќе одигра две кола до дуелот со Карабах, екипа која мирува, бидејќи новата сезона во Азербејџан се уште не е почната.

 

- Оглас -

Најнови вести