Играчите на ПСЖ го обвинија судијата, но не за неговото делење на правдата

Марко Верати и Андрес Ерера, фудбалерите на Пари Сен Жермен, жестоко го нападнаа холандскиот судија Бјорн Којперс поради навредите кои играчите ги трпеле од арбитерот за време на полуфиналниот меч против Манчестер сити. Двајцата фудбалери велат дека однесувањето на судијата не било на потребното ниво.

„Бевме толку блиску до финалето, сакавме оваа година да дојдеме до крај и да го освоиме трофејот, но сега сме разочарани и тешко е да се најдат вистинските зборови. Една работа која не ја сакам е кога судијата ти вика одје*и. Секогаш се трудиме да покажеме почитување, но тој тоа го повтори три-четири пати во текот на мечот. Почна да дели жолти картони и станавме нервозни. Манчестер сити заслужено ќе игра во финалето, тоа е тим со одлични играчи. Реално, ние можевме да направиме повеќе, посебно во првиот меч. Има неколку добри тимови, но, за жал, само еден може да го освои трофејот“, рече Верати по мечот.

Судијата Којперс покажа четири жолти и еден црвен картон за играчите на ПСЖ. Еден од тие кои „пожолтеа“ беше и Ерера, кој исто како Верати вели дека судијата ги навредувал.

„Го слушнав судијата како му вели на Паредес  „Е*и се“. Ако ние кажеме такво нешто, казната ќе ни биде четири меча неиграње“, вели некогашниот играч за врска на Манчестер јунајтед.

По испаѓањето од Лигата на шампионите, ПСЖ сега го очекува тешка битка за титулата во француското првенство. Светците моментно се на второто место зад лидерот Лил.

 

- Оглас -

Најнови вести