Икарди прв се појави во тренинг-центарот на Интер

Мауро Икарди утрово, во 9.40 часот се појави во Апијано, каде што е тренинг-центарот на Интер, а потоа наместо на терапија на коленото, им се приклучи на теренот на останатите клупски колеги кои не се репрезентативци и одржаа тренинг. На тренингот ги немаше Хрватите Брозовиќ и Перишиќ, со кои Икарди е во лоши односи, но таму беше голманот Хандановиќ, на кому му беше доделена капитенската лента откако му беше одземена на Икарди.

Аргентинецот цели 36 дена не тренираше, а тоа е од денот откако му беше кажано дека веќе не е капитен на „нераѕурите“. Денеска се појави, го чекаа 20-тина навивачи кои му бараа автограми, а во 11 часот му се стави на располагање на тренерот Лучијано Спалети. На тренингот присуствуваше и спортскиот директор Бепе Марота.

Наредниот меч на Интер е на 31 март, на домашен терен против Лацио. Се очекува Икарди да биде во составот, но капитенската лента нема да му биде вратена.

- Оглас -

Најнови вести