Илија Несторовски го чека Гатузо за нов тренер

Трите порази во последните четири кола во италијанската Серија А беа доволна причина за Игор Тудор да добие отказ во Удинезе. Италијанскиот калчолигаш му се заблагодари на хрватскиот стратег и сега бара негова замена.

„Удинезе потврдува дека го разреши Игор Тудор од должноста тренер на првиот тим“, стои во соопштението на клубот од Удине.

По 10 одиграни меча, Удинезе има само три победи и едно реми и со 10 бода е на 14-тата позиција на табелата. Удинезе го има убедливо најслабиот напад во Серија А и досега постигна само пет гола.

Како можен наследник на Тудор се споменува Џенаро Гатузо, кој минатата сезона го предводеше Милан, а откако си замина од Росонерите, не работи во ниту еден клуб.

Во следното коло, Удинезе игра против Џенова на Горан Пандев, а на клупата на тимот од Удине се очекува да седи помошникот Лука Готи.

Ноември е месец кој е кобен за тренерите на Удинезе. Во ноември 2017 година отказ доби Дел Нери, а лани во ноември си замина Веласкес. Удинезе за пет години смени десет тренери.

 

- Оглас -

Најнови вести