Има отштетна клаузула од која боли глава, а не им се појавил во клубот цел месец

Јапонскиот репрезентативец Шоја Накаџима нема да игра денеска за Порто, во премиерниот меч за лидерот во португалското првенство при камбекот на фудбалските терени.

Случајот со десното крило е чуден и Накаџима се нема појавено на тренинг во клубот околу три седмици, откако почнаа индивидуалните, а потоа и групните подготовки на популарните Змејови.

Шоја е еден од најскапите играчи на првопласираната екипа во Примеира и лани, кога потпиша четиригодишен договор со Порто, му беше одредена отштетна клаузула од 80 милиони евра.

Во Порто не сакаат многу да се говори за чудниот случај на Накаџима, а медиумите открија дека Јапонецот има проблеми со болест на сопругата, но не се знае точно дали во прашање е корона-вирус.

„Нема што да се изјави за случајот со Шоја. Тука се челниците на клубот, кои ќе одлучат што ќе биде понатаму“, изјави тренерот Сержо Консеисао.

Накаџима денеска сигурно нема да игра против Фамаликао од 22.15 часот, во првиот меч за Порто по пауза од речиси три месеци. Змејовите се лидери на табелата со 60 бода, еден повеќе од големиот ривал Бенфика, а до крајот на првенството треба да се доиграат 10 кола.

 

- Оглас -

Најнови вести