Има само 17 години, капитен е на Нигерија У20 и нема клуб, игра само во маало

Репрезентацијата на Нигерија за играчи со 20 години е пријатно изненадување на Светското првенство што се игра сега. По две кола, Нигерија има максимални шест бода откако во првото коло со 2:1 ја победи Доминиканската Република, а потоа славеше и над Италија со 2:0.

Со овие резултати, Нигерија веќе обезбеди место во следната фаза на Мундијалот, а за тоа дали ќе го задржи првото место во групата, утре ќе решава во директен дуел со селекцијата на Бразил.

Капитенот на оваа селекција на Нигерија е Даниел Бамеји. Тој е 17-годишен дефанзивец за кој се вели дека игра за екипата на Јам Јам во Нигерија. Сепак, тоа што е познато е дека Бамеји не е регистриран во Фудбалската федерација на Нигерија, а таков клуб под името Јам Јам воопшто не постои.

Неверојатно е и тоа што Бамеји од октомври минатата година беше дел од повеќе селекции на Нигерија. Играше за У23, потоа за У20, а беше дел и од сениорската селекција на Нигерија на пријателскиот дуел против Костарика. Селекторот на сениорите, Хозе Песеиро го повика и во март, но не му даде шанса да игра против Гвинеја Бисао во квалификациите за Африканскиот куп на нациите.

„Го повикав овој фудбалер затоа што може да игра на стоперската позиција, потоа и на позицијата десен бек. Секако, постојат и други играчи кои можеби се подобри, но јас фудбалерите ги одбирам во зависност од квалитетот на одредени позиции“, објасни тогаш Песеиро.

Нигериските медиуми тврдат дека Бамеји игра фудбал само на улица, но дека има моќен агент кој му овозможува да оствари сè што ќе посака.

„Измислено е името на клубот. Јам Јам не постои. Момчето игра на улица, а во репрезентацијата влезе благодарение на моќен агент“, пишува во дел од објаснувањето на феноменот кој игра за повеќе селекции на Нигерија.

Многумина се сомневаат и дека момчето има 17 години. Низ годините имало многу случаи на фалсификувани документи, па постари фудбалери биле фалсификувани да бидат со документи како помлади.

 

 

- Оглас -

Најнови вести