Си има специјална формула – Мурињо се прогласи за шампион

Жозе Мурињо е подготвен за последниот предизвик сезонава со Тотенхем, а утре во малото лондонско дерби против Кристал Палас ќе се обиде победнички да ја заврши сезоната и да го протне клубот до посакуваната шеста позиција што води во Европа Лигата.

Тотенхем мора да победи за да го прескокне Вулверхемптон, или може и да ремизира, ако Волците загубат од Челзи на гостувањето во Лондон за да обезебди евронастап.

Моментно клубот од Северен Лондон е во најдобра форма во Премиерлигата, ако се сметаат последните пет кола и освои 13 од можните 15 бода, салдо што го нема ниту една друга екипа од вкупно 20 во англиското првенство.

„Ако сакате да ве насмеам малку, ќе кажам дека јас сум шампион во последните пет кола. Ако анализираме сериозно, погледнете на кое место беше Тотенхем кога пристигнав во клубот. Бевме 14-ти, а сега сме на седмото место, со реална шанса да бидеме и шести што ќе значи настап во Европа Лигата. Секогаш ќе има критики дека тоа не е доволно, но јас сум задоволен“, вели Мурињо.

Откако Специјалниот е на кормилото на Тотенхем, само Ливерпул и двете екипи од Манчестер, Сити и Јунајтед имаат подобро бодовно салдо во 25 кола. Мурињо најавува многу подобра втора сезона во клубот, иако двојката во сите претходни клубови му беше послаба од првата.

„Мојата најважна сезона во Тотенхем е следната. Се радувам на предизвикот, а септември и стартот на новиот циклус натпревари во Премиерлигата не е далеку. Знам дека ќе бидеме многу подобри и дека ќе ја исполнам мисијата“, додаде Португалецот.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести