Имаше оган на мразот – Поинт пак даде златен гол, Дубоа го залепи Кучеров како постер (Видео)

Тампа беј лајтнингс успеа да го елиминира Колумбус Блу џекетс со 4:1 во победи, но не изгледаше сè толку лесно за фаворитот во првото плејоф-коло во Источната конференција во НХЛ.

Грмотевиците вчеравечер славеа со 5:4 по продолженија откако најпрво прокоцкаа предност од 2:0, па бркаа негатива од 2:4 и на крајот од регуларниот дел сепак стигнаа до 4:4.

И повторно јунак за Тампа беј беше Брејден Поинт, откако пак го даде златниот гол во продолжението за победа од 5:4 и пласман понатаму на неговиот тим.

Последниот меч од серијата беше со многу нервоза и груби стартови, а особено се истакна центарот на Колумбус, Пјер-Лук Дубоа со потег што можеше да го повреди Никита Кучеров.

Дубоа во обид да дојде до пакот, буквално го залепи рускиот ас како постер за плексигласот, но, за среќа, Кучеров мина без повреда.

Целата серија беше возвудлива, иако конечниот резултат е убедлив, 4:1 за Тампа беј. Серијата почна со петчасовен маратон и четврт најдолг НХЛ-меч во историјата, а покрај регуларниот дел од три периоди по 20 минути, се играа уште дополнителни 90 минути продолженија, а Поинт со гол во десеттата минута од петтото продолжение го реши мечот со 3:2.

На прагот на второто коло во Источната конференција е и Бостон бруинс, екипа што ноќеска славеше со 2:1 против Каролина со 2:1 и води со 3:1 во победи.

Најтрофејниот клуб во НХЛ, Монтреал канедиенс не се предава во серијата со Филаделфија флаерс и со триумф од 5:3 намали на 2:3 во победи.

Колорадо на импресивен начин со победа од 7:1 ја елиминира Аризона во првото коло со резултат од 4:1, а актуелниот шампион Сент Луис повторно е во негатива, сега од 2:3 во победа против Ванкувер, откако ноќеска загуби со 3:4 во петтиот меч од плејоф-серијата во првото коло во Западната конференција.

 

 

- Оглас -

Најнови вести