Интер и Милан договорија изградба на нов стадион, а што ќе биде со „Сан Сиро“?

За Интер и Милан да изградат нов стадион, прво треба да најдат решение што ќе биде со „Сан Сиро“, стадионот кој постои од 1926 година и е од големо значење за градот, не само од фудбалски аспект, туку и од туристички. Двата гиганти планираат да изградат нов заеднички стадион кој би имал капацитет од 60.000 места, што е за 20.000 помалку од култниот „Сан Сиро“, кој собира точно 80.018 гледачи.

Планот е да се демолира досегашниот дом на Милан и Интер, но тоа ќе може да се реализира само откако ќе биде комплетирана изградбата на новиот стадион, кој треба да чини околу 600 милиони евра. Сепак, оваа одлука побуди негативни реакции од локалците, а и градоначалникот на Милано, Бепе Сала, преферира „Сан Сиро“ да остане и клубовите да финансираат реновирање на стадионот наместо да го урнат.

Претставник на десничарската политичка партија во Италија, Пјетро Татарела, тргна во акција да собере 15.000 потписи за да може да поднесе барање за локален рефендум на кој граѓаните на Милано ќе може да гласаат дали „Сан Сиро“ треба да се урне или не.

„Не се работи за обичен стадион, ‘Сан Сиро’ е еден од најпознатите симболи на овој град“, истакна Татарела.

Овој стадион е „дом“ на Милан од самата изградба (1926 година), додека Интер почна да го користи за домашните натпревари од 1947 година. „Сан Сиро“ е реновиран четирипати, а последен пат го реконструираа во 2016 година.

- Оглас -

Најнови вести