Интер сака да ја искористи кризата во Јувентус и да го купи Бремер

Централниот дефанзивец Глејсон Бремер е изненадувачкото име што се појави на листата со желби на Интер. Бразилецот, кој доби повик од селекторот Карло Анчелоти за Светското првенство 2026, би можел да го напушти Јувентус поради потребата на торинскиот клуб да го балансира буџетот.

Наводно, Јувентус е подготвен да прифати и помала сума од онаа што е наведена во откупната клаузула од договорот, кој важи до 30 јуни 2029 година. Според информациите на „Ла Стампа“, Интер се надева дека ќе го ангажира по разумна цена бидејќи Нераѕурите не сакаат да потрошат повеќе од 40 милиони евра за едно засилување.

Бремер во актуелната сезона во Серија А одигра 25 натпревари, постигна четири гола и забележа три асистенции, а на теренот помина 2.222 минути.

Неговиот договор содржи откупна клаузула од 58 милиони евра, но според информациите од Италија, Јувентус веројатно ќе мора да се задоволи со значително помал износ. Причината е што клаузулата била дефинирана пред неговата сериозна повреда, а по враќањето на теренот формата на Бремер не беше на посакуваното ниво.

Бремер ја пропушти речиси целата сезона 2024/25 поради операција на предните вкрстени лигаменти. По враќањето имаше проблеми со континуитетот, а дополнителни компликации му создадоа мускулни повреди и проблеми со менискусот, поради кои повторно паузираше околу два и пол месеца во неодамна завршената сезона.

- Оглас -

Најнови вести