Интер вечерва гостува во Бугарија, а Конте е претпазлив

По дводневните возбудувања во Лигата на шампионите, денеска започнува и нокаут-фазата во Лигата на Европа. Еден од главните фаворити за освојување на овој трофеј е италијанскиот гигант Интер. Нераѕурите сезонава ја започнаа во Лигата на шампионите, но откако завршија како третопласирани во својата група, мораа да продолжат во второто по ранг натпреварување на УЕФА.

Лудогорец е првиот ривал на Интер во нокаут-фазата. Бугарскиот тим игра на свој терен и ќе се обиде да му создаде проблеми на фаворитот. Тренерот на Нераѕурите, Антонио Конте, вели дека има респект кон ривалот, но сепак очекува на теренот неговите играчи да ги пронајдат слабите страни на Лудогорец.

„Треба да знаете дека вечерва ќе играме против тим кој е редовен учесник во европските купови. Лудогорец игра добар фудбал, ориентиран е на напаѓачка игра. Моментно се лидери во бугарското првенство и имаат голема предност пред вториот. Треба сериозно да влеземе во дуелот затоа што тоа е противник кој е добро организиран, а има и добри поединци. Заслужуваат почит, но ние сме подготвени. Секако дека Лудогорец има и слаби страни и ние ќе се обидеме да ги искористиме“, рече Конте.

 

- Оглас -

Најнови вести