Иснер во аут, балканското дерби за Димитров, сигурен Надал

Американецот Џон Иснер, кој е деветти носител, е најкрупната жртва на досегашниот тек од првиот ден на Отвореното првенство на Австралија во тенис откако во четири сета беше поразен од сонародникот Рејли Опелка. Иснер и 21-годишниот Опелка, кој е висок 211 сантиметри, играа тајбрејкови во сите четири сета, а поуспешен беше 97-миот тенисер на светската АТП-листа.

Публиката можеше да види многу асови, Иснер имаше 47, Опелка 40, но 33-годишниот Иснер за првпат во кариерата загуби меч на Гренд слем против американски колега. Досега имаше 9-0.

Григор Димитров со 3-1 го совлада Јанко Типсаревиќ во балканската пресметка, а Рафаел Надал во три сета славеше против Австралиецот Џејмс Дакворт, кој на турнирот влезе со вајлд-карта (238-ми на АТП). Надал преклани испадна од Фернандо Вердаско во првото коло на Отвореното првенство на Австралија, но овојпат не дозволи таков кикс.

Кај жените, елиминирана е Екатерина Макарова. Таа загуби од Британката Кети Бултер, а во третиот решавачки сет се играше тајбрејк. Ова беше прв меч во историјата на Отвореното првенство на Австралија на кој се користеше тајбрејк во одлучувачки сет. Кога го освои седмиот поен, Бултер почна да слави, но заборави дека правилото е дека тајбрејкот во решавачки сет се игра до 10 поени. Од оваа година, во последниот сет не мора еден од тенисер(к)ите да добие два гејма повеќе.

Марија Шарапова за 62 минути со 6-0, 6-0 ја прегази Хериет Дарт, која на главниот турнир влезе преку квалификации. Слоун Стивен конечно го мина првото коло во „Мелбурн парк“, откако во претходните четири години трипати губеше, а еднаш не настапи поради повреда.

- Оглас -

Најнови вести