Истата „тројка“ на УЕФА во конкуренција и за наградата на ФИФА

За наградата за најдобар фудбалер според ФИФА, „The Best“, која се доделува секоја година, конкурира „големата тројка“ којашто ја зазеде главната сцена на УЕФА наградите.

Во конкуренција за престижното одличје повторно се Вирџил ван Дајк, Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Холандскиот стопер веќе се истакна како најдобар во Европа меѓу оваа „тројка“, а сега ќе ги чека гласовите да дознае дали е најдобар фудбалер во светот за 2019 година.

ФИФА воедно ги објави и конкурентите во останатите категории. За најдобра фудбалерка во потесниот круг се најдоа светските шампионки од селекцијата на САД, Меган Рапино и Алекс Морган, како и Англичанката Луси Бронс, која според УЕФА, беше најдобра за минатата сезона.

За тренер на годината ќе се борат премиерлигашите Јирген Клоп, Пеп Гвардиола и Маурисио Покетино. Во женска конкуренција ќе бидат Фил Невил (селектор на Англија), Сарина Вајгман (селекторка на Холандија) и Џил Елис (селекторка на САД).

„Пушкаш“ наградата ќе припадне на еден од Лионел Меси, Даниел Шори и Хуандер Кинтер.

За најдобар голман конкурираат бразилските чувари Алисон Бекер и Едерсон, како и Германецот Марк-Андре тер Штеген. Кај жените се: Хедвиг Линдал, Кристијане Ендлер и Сари Ван Венендал.

Наградите ќе се доделуваат на 23 септември во Милано, кога е планирана церемонијалната гала-вечер.

- Оглас -

Најнови вести