Историска ноќ во Хјустон – Ракетите испукаа црни рекорди, Мемфис славеше со 49 поени разлика

Мемфис гризлис ја слави највисоката победа на гостински терен во клупската историја откако го демолира слабиот тим на Хјустон рокитс со 133:84.

Гостите ги добија сите четири периоди, а на крајот ѝ се радуваа на победата од 49 разлика, што е највисока откако тимот во 2001 година се пресели од Ванкувер во Мемфис.

Винслоу со 20 поени ги предводеше Мечките до клупска историја, а неколку црни рекорди запишаа и домаќините. Погодија само 27,7 отсто од упатените удари, што е најнизок процент од постоењето на Хјустон. Погодија само 23 од вкупно 83 удари од поле, со што го израмија негативниот рекорд со најмалку реализирани шутеви.

Ракетите имаа и неверојатно лош ефект со ударите за три поени и погодија само 4 тројки од 45 обиди, што е 8,9 отсто, или најниско во историјата на двојниот НБА-шампион.

Низата од 11 порази по ред е најдолга во последните 20 години за Хјустон, па сите овие негативни рекорди се само показател за мизерната партија баскет што ја прикажаа Џон Вол и соиграчите против Мемфис.

За разлика од нив, одлична ноќ со прекрасни индивидуални учиноци има Бредли Бил, Пи-Џеј Вашингтон и Девин Букер, сите со над 40 постигнати поени.

Бил уфрли најмногу, дури 46 поени, но неговиот тим Вашингтон визардс загуби од Бостон селтикс со 110:111, најмногу благодарение на поените на Џејсон Тејтум на 5 секунди до крајот.

Букер имаше 43 поени во победата на Феникс санс против Минесота тимбервулфс со 118:99, а Вашингтон со 42 поени ги предводеше Шарлот хорнетс до победа против Сакраменто кингс со 127:126.

 

 

- Оглас -

Најнови вести