Историска партија на Ембид, постигна повеќе од половина поени на својот тим (Видео)

Џоел Ембид одигра неверојатен натпревар за својот тим Филаделфија сиксерс во победата над Јута џез од 105:95.

Ембид средбата ја заврши со неверојатни 59 поени, 11 скока, 8 асистенции и 7 блокади и стана првиот кошаркар во НБА-лигата од сезоната 1973/74, откако се води статистика за блокадите, што имал учинок од 50 и повеќе поени, 10 и повеќе скока и по 5 и повеќе асистенции и блокади.

Исто така Ембид стана првиот кошаркар по Демиен Лилард од 2019 година, кој постигнал повеќе од половина поени за својот тим. Центарот на Филаделфија за 24 часа даде вкупно 101 поен бидејќи претходната вечер на Атланта ѝ уфрли 42 поени.

Во историјата на Филаделфија, само четирипати досега еден кошаркар постигнал повеќе поени од Ембид. Легендарниот центар Вилт Чембрлен постигнал 68, 65 и 62 поени, како и Ален Ајверон, кој има постигнато 60 поени.

ЛА лејкерс ја прекина серијата од пет порази по ред и утринава со 116:103 славеше во дуелот со Бруклин нетс. Во отсуство на повредениот Леброн Џејмс, лидерската улога ја презеде Ентони Дејвис, кој ги предводеше Лејкерси со 37 поени и 18 скока, додека Лони Вокер даде 25 поени. Кај Бруклин, вообичаено прво име беше Кевин Дурант со 31 постигнат поен.

Ова беше само трета победа за ЛА лејкерс сезонава и тие се наоѓаат на претпоследното 14-то место на табелата во Западната конференција.

Шампионот Голден стејт вориорс продолжува со очајните игри на гости и во една статистичка категорија е најслаб во целата НБА-лигата. Воините загубија на гостувањето кај Сакраменто кингс со 122:115 и го забележаа седмиот пораз на гостински терен и сè уште чекаат на првата победа надвор од Сан Фрациско.

Домантас Сабонис имаше одлична вечер за Кралевите со 26 поени и 22 скока, а за Голден стејт залудна беше одличната игра на Стеф Кари, кој даде 27 и на Ендрју Вигинс, кој уфрли 26 поени.

Резултати: Кливленд – Минесота 124:129, Вашингтон – Мемфис 102:92, Филаделфија – Јута 105:95, Чикаго – Денвер 103:126, Сакраменто – Голден стејт 122:115, ЛА лејкерс – Бруклин 116:103.

- Оглас -

Најнови вести