Историска промена, ќе нема веќе преигрување на нерешените мечеви од ФА купот

Репризите на мечевите од ФА купот кои завршуваат нерешено уште од првото коло ќе бидат укинати од следната сезона 2024-2025.

Во иднина, сите кола од ФА купот ќе се играат за време на викендите, вклучувајќи го и петтото, кое се играше среде работна недела во последните пет сезони.

Промените доаѓаат како дел од новиот шестгодишен договор меѓу Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија и Премиер лигата. Премиер лигата ја симна од календарот паузата за полусезона, а Лигата ќе почнува во средина на август.

Со досегашниот формат, во воведните кола (од првото до петтото) од ФА купот се преигруваа мечевите кои завршуваа нерешено, и тоа на теренот на тимот кој бил гостин. Сега уште од прво коло ќе мора да има победник, макар и на пенали.

Причина за промената во календарот во Англија е проширувањето на натпреварувањата на УЕФА. Конференциската лига ќе се проширува, во групната фаза на Лигата на шампионите наместо 32 ќе има 36 тима од следната сезона, а ФИФА следното лето ќе организира Светско клупско првенство со 32 тима.

Сепак, репризите во ФА купот не се бришат целосно, ќе ги има, но само во квалификациските рунди за ФА купот – каде што тимовите од петтата до десеттата лига се натпреваруваат за 32 места во првото коло. Во првото коло од ФА купот влегуваат професионални тимови од Лига 1 и Лига 2, а тимовите од Чемпионшип и Премиер лигата се приклучуваат од третото коло.

Помалите клубови од ниските рангови се незадоволни од одлуката бидејќи се губи традиционален прилив на приходи за клубовите.

- Оглас -

Најнови вести